Независни изданија
Римјани
Dec. 1, 1987
Смрт во Помпеевата курија
15 март 44 год. Пред н.е.
Колку смешно скокаат скакулците
во сите слободни простори
на мојот организам
Големите дела беа сосема очигледни
Заслугите немерливи
Самодовербата вгнездена
во сите мои потфати
Ниеден чекор веќе
Не можеше да биде
покус од претходниот
Ни една закана
Индиректна Јасно
Зла најава Предзнак
Усмено или писмено
(тоа проклето важно писмо)
Не можеа да значат
нож во стекнатата сигурност
на мојата империја
Мојот грб беше
Твојата историја
и твојата иднина
Синко
Сине Бруте
Но ете се случи
И ништо не било
Ниту ќе биде
вон историјата
Завеса се спушта
Прилегнува
Додека светот ми бледнее
Додека густа црвена поплава
ми ги зазема очите
во Помпеевата курија