Macedoniae Acta Archaeologica - 9
1988
ПРИЛОГ КОН ПРОУЧУВАЊЕТО НА НЕКРОПОЛАТА ОД ЖЕЛЕЗНО ВРЕМЕ КАЈ РАДОЛИШТА БЛИЗУ СТРУГА
Некрополата од железно време кај Радолишта близу Струга се наоѓа на локалитетот Каменен Мост - Опален, североисточно од селото Радолишта за околу 1,5 км, по должината на меѓуселскиот пат Радолишта - Шум, на површините што своевремено ги зафаќало земјоделското стопанство и нивата на Емуш Клема од истото село. Површината на овој локалитет (фрагменти од неолитска керамика, стругала, ношчиња и др.) од кој материјал делумно поседува Народниот музеј во Охрид, а при подоцнежните истражувања била констатирана и железновременска некропола. Овие податоци ги дава В.Лахтов во своите известувања од рекогносцирањата што ги вршел во почетокот на шестата деценија од овој век¹. Истиот автор натака кажува дека во периодот од 1935 година на овој локалитет, поточно на површината од нивата на Емуш Клема при изведувањето на земјоделските работи случајно биле откриени и растурени повеќе гробови, што било причина во 1937 година Музејот на кнез Павле во Белград да преземе систематски ископувања под раководство на М.Грбиќ. Според податоците на Лахтов, притоа биле откриени 12 илирски гробови. Во периодот од 1947 до 1953 година, на површините од тогашното земјоделско стопанство, при изведување на работите за насадување на винова лоза, биле откривани и растурени повеќе гробови од илирско време чиј материјал бил неконтролирано развлечен и во голема мерка изгубен. Дел од тој материјал по пат на откупување стигнал во Народниот музеј во Охрид. Натака, во 1955 година Народниот музеј во Охрид извршил кратко сондажно ископување на овој локалитет под раководство на В.Лахтов. Во 1958 година Љ.Поповиќ го објавува материјалот од систематските ископувања во 1937 година, кој материјал уште тогаш бил пренесен во Народниот музеј во Белград (тогаш Музејот на кнез Павле)². Со оваа публикација, археолошката научна јавност за првпат пошироко е известена за железновременската некропола кај Радолишта. Од регистерот на наодите и гробните целини што Љ.Поповиќ ги дава на крајот од својата публикација, се добива впечаток дека М.Грбиќ при изведувањето на систематските археолошки ископувања во 1937 година открил 21 гроб и покрај тоа што со прилози се дадени само 9 гробни целини³. Точниот број на откриените гробови во 1937 година (според Лахтов 12 гробови, според Љ.Поповиќ извесен број на гробни целини, поточно 9 со гробни прилози или 21 гроб) не може да се утврди најповеќе и поради тоа што сиот документациски материјал (дневникот и теренските цртежи) пропаднал за време на војната⁴. И конечно, во 1960 година на Симпозиумот од Археолошкиот институт при САНУ В.Лахтов го поднесол рефератот “Требениште - Радолиште” каде што поаналитички се осврнал на материјалот од двете некрополи компарирајќи ги сличностите и издвојувајќи ги особеностите со што истите хронолошки ги детерминирал. Предметите за кои овде ќе стане збор се добиени преку откупување во 1953 година и порано како и преку сондажното ископување извршено на локалитетот Опален во средината на октомври 1955 година. При овие ископувања биле отворени осум сонди во кои се откриле вкупно три гробови од кои еден нов и два веќе откриени при систематските ископувања извршени во 1937 година⁵. В.Лахтов натаму известува дека во новооткриениот гроб се нашле следните прилози: еден ѓердан со 12 зрна од стаклена паста, фирнајсирана импортна керамика, неколку фрагменти од бронзен сад орнаментиран слично како и златните предмети од Требеништа и бронзени фибула од типот “Требениште”⁶. За ова сондажно ископување и за архитектурата и другите особености на гробот не постојат никакви други податоци.
Археолошката збирка при Народниот музеј (сега Завод и музеј) во Охрид ги поседува следните предмети кои потекнуваат од некрополата Опален кај Радолишта:
- Спирална белезија изработена од бронзена лента со шест навои. Краевите имаат отсечени завршетоци. Димензии: висина 5,5 см; дијаметар 7,2 см; ширина на лентата 0,6 см; дебелина на лентата 0,2 см. Инв.бр.п-21, (Т.I, 4).
- Бронзена белезија со преклопени краеви, кружен пресек, деформирана. Краевите пред завршетокот се задебелени во вид на змиски глави а потоа се стеснуваат завршувајќи со мали прстени од кои се извлекуваат призматични проширувања во вид на печат. Деловите кои се преклопуваат украсени се со кружни и коси врежани линии како и вдлабнати крукчиња во вид на стилизирани очи. Димензии: можен дијаметар 6,0 см; најголема дебелина на жицата 0,5 см. Инв.бр.П-26, (Т.І, 3).
- Бронзена белезија со преклопени краеви, кружен пресек. Преклопените делови во средината се задебелени во вид на змиски глави а потоа се стеснуваат завршувајќи со два прстени од кои се извлекуваат призматично проширени завршетоци во вид на печат. Преклопените делови се орнаментирани со кружни и коси врежани линии како и вдлабнати крукчиња. Димензии: дијаметар 5,6 (4,6) см; дебелина на жицата 0,6 см. Инв.бр.П-27, (T.I, 2).
- Бронзена белезија изработена од помасивна бронзена жица со неправилен пресек. Краевите се преклопуваат до половината и повеќе од кругот. Преклопените делови во средината се проширени во вид на стилизирани змиски глави а потоа стеснети со призматични завршетоци во вид на печат. Преклопените делови се украсени со линеарна орнаментика - кружни и коси врежани линии како и повеќе правилно распоредени вдлабнати крукчиња обвиени со врежани кружни линии. Димензии: дијаметар 5,6 (4,3) см; дебелина на жицата 0,8 см. Инв.бр.П-28, (Т.I, 1).
- Бронзена лачна фибула со еден навој. Изработена е од едноделна бронзена жица со различна дебелина свиена во лак која на едниот дел сочинува навој од кого се продолжува иглата која е зашилена на врвот. Главата е правоаголна и оштетена. Димензии: должина 4,3 см; висина 2,7 см. Инв.бр.П-223, (Т.I, 5).
- Железен предмет (орудие ?), фрагмент. Изработен е од железна плочка. Сочуван е дел во вид на сечиво со правоаголна форма но кој дел натака веројатно се стеснувал. Од средината на долниот дел излегува плочеста рачка која најверојатно се забодувала во дрвена рачка. Димензии: сочувана должина без рачка 10,5 см; ширина 6,5 см; должина на рачката 5,8 см; ширина на рачката 1,7 (1,0) см; најголема дебелина 0,4 см. Инв.бр.П-222, (Т.II, 2').
- Бронзена алка со краеви кои се спојуваат. Изработена е од бронзена жица со кружен пресек. Димензии: дијаметар 2,7 (2,0) см; дебелина на жицата 0,4 см. Инв.бр.П-224, (T.II, 3).
- Ѓердан со покрупни мониста од стаклена паста. Откриени се дванаесет мониста од кои неколку се фрагментирани. Пастата е црно обоена а монистата се украсени со концентрични кругови од бело боена стаклена паста вметната по пат на инкрустација. Монистата со мали отстапувања имаат приближно исти димензии сочинувајќи неправилни кружни форми. Димензии на најголемата мониста: 2,1 x 1,4 см; дијаметар на отворот 0,6 см. Инв.бр.П-225, (Т.II, 1).
- Единаесет фрагменти од бронзен сад од кои четири се апликативни кружни капачиња, четири од работ на отворот и три од разни делови на мевот. Сите фрагменти се од многу тенок бронзен лим линеарно украсени со геометриска и растителна орнаментика со техника исчукување. Димензии: дијаметар на капачињата 2,8 см; најголема должина на фрагментите од работ и мевот 6,8 см; најголема ширина 2,6 см. Инв.бр. од П-227 до П-233, (T.III, 1-6).
Од горенаведените предмети, белезиите (спиралната и трите со преклопени краеви) се регистрирани како случајни наоди на локалитетот Опален а откупени од страна на Народниот музеј - Охрид во 1953 година, а додека останатите предмети (бронзената лачна фибула, железниот предмет (орудие ?), алката, ѓерданот од стаклена паста и единаесетте фрагменти од бронзениот сад) се откриени при сондажното ископување во 1955 година изведено од истиот музеј како прилози во единствениот новооткриен гроб 1 на некрополата.
За белезиите со преклопени краеви пишувано е доста во археолошката литература. Овде не нѝ е намера да се осврнуваме на нивното потекло, разните варијанти и распространетоста посебно и заради тоа што во две навраќања тоа сме го сториле порано⁷. Инаку, белезиите со преклопени краеви и четвртесто проширени завршетоци во вид на печат, орнаментирани со врежани концентрични крукчиња, какви што завршетоци имаат и нашите, се чести наоди на железновременските некрополи. Но трите наши белезии со преклопени краеви се карактеристични со своите задебелувања во средината или кон крајот од преклопените делови каде што се и линеарно орнаментирани. Исти такви белезии откриени се само уште во гробот 8 на локалитетот Три Чељусти кај Горенца, во рамките на Требеништанската некропола. Оваа нивна посебност упатува на локално потекло и на тесна поврзаност со материјалот од Требеништанската некропола. Врз основа на веќе толку обработуваните белезии со преклопени краеви (проширени завршетоци во вид на печат и линеарно орнаментирани) и аналогните пребарувања во литературата, всушност е јасна и нивната хронолошка детерминација: помладата фаза од постарото железно време, т.е. крајот на VII и целиот VI век п.н.е. Спиралната белезија е исто така познат железновременски наод. Нејзината присутност е регистрирана на повеќе познати железновременски локалитети во Босна (Илијак)⁹, Србија¹⁰, Македонија (Попадин Дол кај Прилеп)¹¹. Ваквите белезии се употребувале во подолг временски период од железното време и со тоа смалена е нивната улога во определување на попрецизна хронолошка граница. Сепак, нивното присуство е почесто во наодите од постарото железно време за што пример ни дава материјалот од Гласиначките локалитети каде што спиралните бронзени белезии се ставени во фазата Гласинац IVв.¹² Бронзената лачна фибула со еден навој и четвртеста глава од единственит гроб (гроб 1) од ископувањето во 1955 година, по едноставноста на изведбата и скромните димензии (должина 4,3 см; висина 2,7 см) упатува на проста локална изработка. Аналогна појава на блиски примероци најпрвин имаме во гробовите од Требеништанската некропола кај Горенци кои се датирани во втората половина на VI век,¹³ што претставува уште еден доказ за поврзаноста на овие две соседни области во Охридско-струшкиот регион. И покрај тоа што требеништанските фибули се украсени со геометриски орнаменти на вертикално издолжените нозе а на нашата тој елемент е отсутен, сепак оваа фибула по сличноста на обликот и димензиите би можела да биде едновремена со горните. Поради тоа, оваа фибула и влегува во оние групи или типови со Тесалско-македонска провениенција а во кои припаѓаат и требеништанските, како на пример во шестиот тип на еднонавојните лачни фибули од Лахтов¹⁴ , во Блинкенберговата Островска група IV или пак во третата варијанта на македонските еднонавојни лачни фибули од Р.Васиќ.¹⁵ Инаку, вака шематизирани и поедноставени еднонавојни лачни фибули на други локалитети на Балканскиот Полуостров, како на пример во Албанија (Патосит)¹⁶, Грција (Олинт, Чаушица)¹⁷, Бугарија (Горни Вадин)¹⁸ и др. се датирани доста високо (IX-VIII век) врз основа на другиот придружен материјал, што значи дека нашата локална варијанта претставува реминисцентна појава на ваквите истотипни фибули.
Железниот плочест предмет којшто е и фрагментарно зачуван, за да биде инвентар од овој гроб (гроб 1), како и што стои во музејската документација, логично ќе мора да биде орудие, алатка, а не оружје, како што, исто така, е забележан во истите музејски документи. Тоа се заклучува од фактот што сите останати прилози од овој гроб говорат за тоа дека се работи за женски гроб што ја исклучува можноста во истиот да биде приложено оружје, во случајов копје. Уште поверојатна е можноста овој предмет да е откриен во близината на површината од гробот, а недоволно внимателно да е забележан како гробен прилог. Натаму, зачудува податокот што истиот овој предмет е објавен од страна на Клаус Килиан во склопот на прилозите од илирскиот борачки гроб во Речица, што секако е погрешно.¹⁹
Дванаесетте покрупни мониста од црна и груба стаклена паста со инкрустирани концентрични кругови од бела стаклена паста имаат аналогии во прилозите на халштатските некрополи од еден поголем простор на Балканот и Европа. Слични се најдени при поранешните ископувања на Требеништанската некропола,²⁰ потоа во Радање - Криви Дол²¹ и Горно Поле - Стар Караорман,²² во некои од пелагониските некрополи (Бабино, Чепигово, Црквиште - Беренци)²³ и на поширокото илирско подрачје, како на пример во некои од босанските некрополи (Брезје, Илијак, Потпеќине).²⁴ За потеклото и појавата на најрани примероци од ваков вид накитен материјал И.Микулчиќ го наведува малоазиското поднебје (Јонија)²⁵ додека М. и Д.Гарашанин ја посочуваат оставата Allendorf во Германија како патоказ за хронолошко подредување на ваквите мониста од нашите локалитети²⁶.
Единаесетте фрагменти од тенок бронзен лим, богато украсени со растителна и геометриска орнаментика (стилизирани листови) и изработени во героussé техника (исчукување) припаѓаат на помал бронзен сад, најверојатно фиала. На овој заклучок наведува откриениот бронзен сад уште при првото ископување во 1937 година на истата оваа некропола, како вонгробен наод, кој ги има истите елементи во украсот и обликот а кои елементи ги содржат и нашите фрагменти²⁷. Ваквиот облик и орнаментика наведува на грчка провениенција и како импорт претставува дел од луксузните грчки тореутски производи застапени во некрополите од некои наши области кои ги потврдуваат развиените трговски врски и грчкото влијание во VI век пред н.е. Во врска со тоа, овде скоро со целосна идентичност ги насочуваме примероците уште и од “софискиот” материјал од Требеништанската некропола²⁸ како и еден примерок од Осово во гласиначкиот културен комплекс,²⁹ кој хронолошки влегува во фазата Гласинац IVc, што ќе рече, содржејќи се во целиот VI век пред н.е.
Според горенаведените разгледувања, заклучната опфатеност на приложените предмети од локалитетот Опален кај Радолишта во хронолошка смисла ги определува временските рамки од крајот на VII до крајот на VI век пред н.е. додека временската припадност на гробот 1 од ископувањето во 1955 година, според скромниот прилог на предметите, најповеќе според еднонавојната лачна фибула и донекаде орнаментираните фрагменти од бронзениот сад, може да се вклопи во втората половина од VI век п.н.е. Оваа хронолошка детерминација на дел од предметите кои припаѓаат на Радолиштанската некропола влегува во Железното време II (раното железно време, крај на VIII - крај на VI век п.н.е.) од Гарашаниновиот хронолошки систем за Македонија, што ја потврдува тезата на В.Лахтов дека некрополата кај Радолишта има подолг временски распон за употреба,³⁰ наспроти мислењето на Љ.Поповиќ кој истата некропола хронолошки ја определува во втората половина на V век п.н.е. и подоцна.³¹ Со оваа констатација всушност се помрднува горната хронолошка граница на употреба на некрополата додека воопшто не се засегнува долната хронолошка граница која е поставена врз основа на материјалот од истата некропола кој се наоѓа во Народниот музеј во Белград.
Цртежи: Нада Почуча Кузман
ЗАБЕЛЕШКИ
¹ Записник во Народниот музеј - Охрид; М.Грбиќ, Археолошки наоѓалишта во Македонија, Гласник на музејско - конзерваторското друштво на НР Македонија, Скопје 1954, 112.
² Љ. Поповић, Радолиште, Зборник радова Народног музеја, I, Београд МСMLVIII, 75-94.
³ Љ. Поповић, op. cit. 85-86.
⁴ Ibid., 76.
⁵ В. Лахтов, Извештај за работата на археолошкото одделение при Народниот музеј Охрид во 1955 година.
⁶ В. Лахтов, исто.
⁷ П. Кузман, Збирниот наод од Лозишта кај Речица, Лихнид 5. Зборник на трудови, Охрид 1983, 112-113; П. Кузман, Три Чељусти и Вртуљка - Требеништа 1972, Охрид 1985, 38-40.
⁸ П. Кузман, Три Чељусти и Вртуљка..., 17, Т. III, Гроб 8 (1, 2).
⁹ A. Benac-B. Čović, Glasinac II, Sarajevo 1957, T. XIII, 1,4; Т. XIV, 5, 6.
¹⁰ Д. Гарашанин, Каталог метала, Београд МСМILV, T. XLIII, 8, 9.
¹¹ Б. Китановски, Два гроба из старије гвозденог доба код Прилепа, Старинар Н. С. књ . ХI/1960, Београд 1961, сл. 5, 6.
¹² Р. Васић, Нека питања хронологије старијег гвозденог доба северног Балкана, Старинар XXII, Београд 1974, 45.
¹³ Н. Вулић, Нови гробови код Требеништа, Споменик С. К. А. LXXVII други разред 60, Београд 1934, 99, сл. 23; В. Лахтов - Ј Кастелиц, Нови истражувања на некрополата “Требениште” 1953-1954, Лихнид I, Охрид 1957, 52, T. VIII, 1,2; Т. IX, 3-8; Т. XVII, 5; Т. XX, 1, 2.
¹⁴ V. Lahtov, Problem Trebeniške kulture, Ohrid 1965, 50.
¹⁵ Р. Васић, Нови елементи за проучавање гвозденог доба Вардарске долине, Старинар, н. с. XXVIII / 1976, Београд 1977, 10.
¹⁶ M. Korkuti, Tuma e Patosit, Iliria, Tiraně 1981, 1, 28, 29, T. | , v27; T. |, v57; Т. XVIII, 4, 8.
¹⁷ J. Bouzek, Graeco-macedonian bronzes, Praha 1973, 130, Fig. 42, 3, 5.
¹⁸ Б. Николов, Тракийски гробни находки од Врачанско, Археология, год. XIV, кн. 3, София 1972, 56, Обр. 3, а.
¹⁹ K. Kilian, Trachtzubehör der Eisenzeit zwischen Ägäis und Adria, Praehistorische Zeischrift 50, 1975, T 64, 5.
²⁰ B. D. Filov-K. Schkorpil, Die archaische nekropole von Trebenischte am Ochrida-see, Berlin und Leipzig 1927, Abb, 113; Н. Вулић, ор. cit. 99, sl. 23; Н. Вулић, Требениште, Споменик С. А. Н. ХСVIII, Београд 1941-1948, 270, а; Н. Вулић, Један нов гроб код Требеништа, Гласник С. н. Д. Т. Х. XI, књ. 5, Скопље 1932, 18, а; В. лахтов - Ј. Кастелиц, ор. cit. Т. XXIIи«.
²¹ М. Гарашанин - Д. Гарашанин, Археолошка ископавања у селу Радању, на локалитету “Криви Дол”, Зборник на Штипскиот народен музеј I, Штип 1959, 25, сл. 56.
²² И. Микулчић, Илирско - архајски гробови из околине Штипа, Старинар Н. С. књ. XIII-XIV, Београд 1965, 202, 18а.
²³ I. Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, Skopje 1966, T. X. 19c; T XI, 19č.
²⁴ A. Benac - B . Čović, op. cit. T. XXIII, 19; T. XXXIV, 38, 40; T. XXXXVI, 9.
²⁵ И. Микулчић, ор. cit. 205.
²⁶ М. Гарашанин - Д. Гарашанин, ср. cit. 40.
²⁷ Љ . Поповић, op. cit. 91, T. VI, 23/I.
²⁸ B. D. Filov - K Schkorpil, op. cit, 78, Abb, 93, 1; 85, Abb, 100.
²⁹ A Benac - B. Čović, op. cit. T. XXVIII, 2.
³⁰ В. Лахтов, Требениште - Радолиште, Гласник САНУ. књ. XII, св. 1, Београд 1961, 86.
³¹ Љ. Поповић, ор. cit. 84.
PASKO KUZMAN - Ohrid
A SUPPLEMENT TO THE STUDY OF THE NECROPOLIS FROM THE IRON AGE AT RADOLIŠTA NEAR STRUGA (SUMMARY)
The necropolis from the Iron Age at Radolišta near Struga is located at Kamenen Most - Opulen, 1,5 km north-east of the village of Radolišta.
Systematic excavations under the supervision of M. Grbić were carried out at this site in 1937. The written records were lost during World War II but the excavated objects were transferred to the Prince Pavle Museum (today the National Museum) in Belgrade. In 1955 the National Museum of Ohrid carried out trial excavations led by V. Lahtov at this necropolis and another grave was discovered. The excavated objects were a bronze spiral bracelet with coils and three other bronze bracelets with folded ends, a bronze arch-shaped fibula with one coil, an iron object (tool), a bronze bracelet, a necklace with glass plished beads and eleven fragments of a bronze vessel. On the basis of the typological treatment and the comparative method, these objects come from the VII and the VI centuries BC. (Iron Age II according to the Gerašanin chronological system for Macedonia).