Publication Приказна за волшебниот рид
РЕПУБЛИКА - ЛОЗА - АРХЕОЛОГИЈА: ОД МОЈ АГОЛ

Jan. 15, 1992

Невозможно е да било поинаку. Човечкото око, во суштина, од секогаш било љубопитно, а и (со шепот изговори) ненаситно.

Приказна за волшебниот рид

Невозможно е да било поинаку. Човечкото око, во суштина, од секогаш било љубопитно, а и (со шепот изговори), ненаситно. Па оттука, Волшебниот рид кој се подигнува на северното крајбрежје од Белото (Светлото) Езеро, не можел да биде заобиколен, што со сигурност и значи, не можел да биде ненаселен уште од најраните мугри на човештвото. Прашање е само кога првпат ова божјо место било „чактисано" од човекот. Тоа е опсесија во фантазијата на археолозите, метафизичка констелација, наѕрница кон бездната во праисторијата, срамежлив повик за мобилизација на упорноста и - заден миг за сондажна тревога во архивата на земјата. Слоевите на времето и просторот во длабочините некаде далеку се допираат со нашата младост, или поточно, далску во минатото лежи целата наша иднина, за што со сигурност имаме непобитни податоци во нашата сопствена потсвест. Волшебниот рид не бил заобиколен од првиот палеолитски ловец кој некаде од височините на околните планини или од задивената околина на реката Дрилен, пред околу четириесеттина илјади години, најпрвин го здогледал блескавото езеро како око во густежот на природата а потоа, по силата на “малиот мозок” итро се сместил во засолништата од ветровите во зарастената околина. Многу милениуми подоцна насекаде во времето на еден од повеќсто почетоци на историската епоха, Волшебниот рид беше заграден со големи камени блокови заради заштитата на населенисто кое овде ги поставило темелите на идниот “вечен град” на Балканот. Со сигурност е утврдено дека во 209 година пред Христовата ера ридот бил заштитен со силна крепост. Таа “сигурност” ја изнесуваат историските извори, но аpxeологијата се уште тоа не го потврдила. Без археолошка потврда, за археолозите тоа е само апстракција, невиделина, недопирнатина како и засолништето на палеолитскиот човеколик ловец. Но крепоста, било како, тврдоглаво постоела. Ја граделе натака, ја доградувале разни моќници и разни “обичници”, милум или силум, во стварноста или во легендите... Најголемото обновување на крепоста се случило во IV век во нашата ера, кога и биле целосно заградени двата дела од Ридот. Во втората половина од V век (479 година) се обидел да го завземе силно утврдениот град на ридот готскиот војсководител Теодорих, но обидот бил безуспешен. Славниот крал ќе си пукнел од мака. Легендарната крепост можела можеби единствено да биде победена само со одисејска итрина, но таков итрец не се родил до ден денес. Крепоста била уривана и уништувана многупати низ вековите, но “прекуноќ” пак била обновувана. Или, напросто, воскреснувала. Познатиот словеномакeдонски цар Самуил ја воздигнал уште повисоко владеејќи од “белиот дворец” изграден во Високото Кале на крепоста. Претходно, во јужното подножје на Калето, надалеку прочуениот светец и учител словенски свети Климент ја осмислил возвишената повеќезначајна мисија која ќе го поврзе неговиот дух “златната хуманистичка мисла” на светот и со поколенијата низ вековите.

Уште неколку други царства “се замешани” во честите урнувања и обновувања на славната крепост, но таа независно од останатите потреси на земјината топка, се уште пркосно се извишува на Волшебниот Рид.

Денеска ние ги пишуваме овие редови. Крај е на дваесеттиот век и речиси почеток на третиот милениум од нашата ера. Пред нас е Волшебниот рид и дотичната крепост. Зад нас се педесеттина години со самофалби за сопственото его и за “силниот нов свет” кого што го градиме. Ридот е се уште во длабок зимски сон, а ние тажно остаревме чекајќи можност да се разбуди и да ни ги отвори своите тајни архиви. Крепоста, горда во својата неуништливост, повеќе од кога и да било затворена во себе, ни го сврти грбот и дососема занеме. Таа има уште многу тајни, тајни вредности и тајни болести. Потребна е дијагноза, а потоа и операција. Тајните да ги извлечеме, болестите да ги излечиме. Но ние, како и во многу други фалени околности, не сме и дораснати…

Нешто појужно од Високото Кале просторот мил и на боговите низ сите времиња, просторот на славната свети Климентова книжевна академија, денес e задивен предел зарастен со трње, со растурени песочишта преку прекрасните мозаици од ранохристијанската базилика... Тука, кога врнат силни дождови, веќе подолго време потоци од вода се сливаат во тажните остатоци на старата Климентова црква, тој најстар и најсветол монумент на словенството, а нема кој да ја запре... Водата и нашата беда го нагризуваат дури и гробот на големиот светител, но, кој за тоа сега ќе ја врзе главата?! Ова најсвето место на македонската историја изгледа дека нема повеќе “надлежна татковина”; конечно, паднаа и маските на властољубната хипокризија вплотена во заедничкото безличие на нашите досегашни “силни нови водачи”. А ние, обичните смртници, од поодамна се надевавме дека еден ден ќе се исправат “тетивите” на крепоста, дека моќно и достоинствено ќe ce издигнува бронзена фигура на царот Самуил некаде на стрмнината пред влезот во Големото Кале, замислувавме паркови со клупи на просторот од дамнешниот прв словенски универзитет (со кого се чукаме в гради до мастурбално здоболување) со желба да ни биде налик на Платоновата античка академија; некаде до грбот на големиот ни патрон свети Климент Охридски замислувавме ВЕЧЕН ОГАН кој ќе го означува изворот на нашиот цивилизациски дострел...

( Приказната нема крај )