НАША КНИГА
Балсамара
1990
СИПАНИЧЕН ИНСЕКТАРИУМ
ПЕТИЦИЈА ДО ПАНТОКРАТОРОТ
Од кренатата рака што е значење
Самото по себе на миговното движење
Благиот поглед и Зрачењето
Свечениот молк во даден миг
Милосрдното сожалување на своите
Дури и од нужното затреперување
Потоа од вековните убедувања
Разните ветувања и Задгробието
Бесконечноста на сознајниот пат
Секаквите Дрвја на животот
(Разгледај го и денешниот бес
Нашата иронија со пукната лушпа
Лажните мерила на вредности
Твоите таканаречени казнувања
И божемните опростувања)
Од нацртаните љубезности напред
Ситните пакости и злошепоти одзади
Скроените пријадувања за поздрав
Пекмезните насмевки од комшиите
Големите зборови за мирот
Светлата иднина и слатколетањето
Од генијалните дувачи на зборот
Во меури од сапуница и балони
Ослободи нè Ослободи нè