Publication Новите светови под полињата со трева
РЕПУБЛИКА - АРХЕОЛОШКИ ЗАПИС

Oct. 2, 1991

“...Но и најмала невнимателна реставрација на еден камен и најмала асфалтирана патека, скрнавејќи го полето каде што со векови растела трева, претставува веќе нешто засекогаш непоправливо. Убавината исчезнува, автентичноста исто така”. М. Јурсенар

Новите светови под полињата со трева

“...Но и најмала невнимателна реставрација на еден камен и најмала асфалтирана патека, скрнавејќи го полето каде што со векови растела трева, претставува веќе нешто засекогаш непоправливо. Убавината исчезнува, автентичноста исто така”. Мислата на М. Јурсенар (“Хадријанови мемоари”) има всушност божествен прекор кон пргавоста и поведението на човекот и воопшто човештвото, кои се осудуваат, честопати дрско, да го изменат природното, поставено од бога, да го нарушат поредокот на врховното устројство. Мислата има смисла во сентиментален контекст дури и ако највнимателено се изврши трансформацијата, реставрацијата, промената... Секако, се уништува една глетка, нека е и убавината која со векови, на еден начин, го красела извесното пространство создадено од одреден момент од љубовта или прељубата на космичките полни органи во најелементарна смисла.

Пределите кои нестануваат ја имаат моќта на постоењето во одзивот на сеќавањата, но, исто така, според законите на повеќедимензионалноста, тие имаат и моќ на преобразба, од една страна, како и моќ на последователни појави кои природата ја озаруваат со нова, дури и многу често, пожестока убавина.

Ете зошто, макар и со најголемо внимание, макар и со најголеми строгости, педантности и методолошки осмислени пристапи, археолозите свесно уништуваат еден вегетабилен предел каде “со векови растела трева”, една автентичност (Хесеова Златоусна асоцијација) кон која, како кон од бога дадена убавина, сите сме сентиментални. Но, ете и зошто, археолозите со “своето поведение” свесно донесуваат “последователни појави”, нови автентичности, нови убавини, нови светови со кои ништо помалку не ја задолжуваат природната закономерност. Археолозите така доаѓаат до архетипови во врска со сопствената (човечка) генеза, надмудрувајќи го паралелниот божествен свет на природата. Со скалпелите на адекватна научна поликлиника ладнокрвно разголуваат стари заборавени предели, реконструирајќи го “сопствениот” прачовек (Хесеова Нарцисна асоцијација) низ се она што излегува под “полето каде што со векови растела трева”: можете ли да ги замислите, во рамките на една друга автентичност, како полека, сантиметар по сантиметар, метар по метар, како, по толку векови, се појавуваат на светлоста од денот раскошните мозаични подови на ранохристијанските базилики по кои, со побожноста на своето време, чекореле христијаните пред петнаесет векови...; можете ли да замислите каква нова убавина се раѓа, под полето на вековната трева, кога полека, дел по дел од под земја се издигнува античка палата, вила рустика, или кога, со силни извици на гладијатори, изникнуваат грандиозни антички театри, запретани градови, нови “стари" цивилизации...; замислете како би изгледало кога полека, под дејство на нашата нова сила, секнува океанот и од него излегува Атлантида...; или, каков ќе биде новиот впечаток, кога под истото тоа поле со “вековната трева”, на само половина метар длабочина, се појави неолитска куќа стара осум илјади години со показатели од кои се наежуваат влакната на кожата, со една прастара слика за светот и Векот...

Пределите и убавината исчезнуваат онака како што исчезнуваат сите живи макро и микроорганизми. Но секогаш бидуваат заменети со нови. Археолозите обезбедуваат и еден обратен процес: замена со стари предели, реконструкција, реминисценции... Колку понапред во иднината, толку подлабоко во минатото. Еден ден веројатно ќе се судрат световите на длабокото минато со световите на длабоката иднина. Планетата Земja, како и сите живи “поими”, еден ден ќе исчезне, а на нејзино место ќе озари нова димензија. Некои триглави суштества можеби ќе започнат нови археолошки истражувања, “ископувајќи” го митското струење на новата вселена.