Независни изданија

Римјани

Dec. 1, 1987

Нероновите огнови

Жилавоста Тврдите коски
Вашите непробојни градби
Високопарните мудрости
Загадувачи на царските одаи
Вжестеноста на сите умности
по кртични коридори спроведувани
Сета скриена плебејска иронија
Јавната патрициска препотенција
О подлости мои Вистински
незабележани вредности од така-
наречената чесна безимена толпа
Сега така безглаво долу во правта
поблизу до црвјите патеки
и до гасеничните атмосфери
Ми ја полните мојата вообразба
со оазни сласти Со ситните
ваши свршувања кои линеат
меѓу нозете низ влакната
кои не можев досега да ги заграбам
во единствениот ми живот на земјава
Гледам низ златен прозорец кој
ми го трансформира призорот од
јадрото на сонцето во мое
брилијантно уметничко дело
при која прилика моите телесни
израстоци слават
најврвна ерекција При што
во безначајност ги претворив сите
мои живи поданици како што
се безначајни првите орди на
моите сперматозоиди
Големо е ова дело што го создадов
Ова деветдневно согорување Овој џин
инспирација Оваа лава што ги лиже
со смртна прегратка моите предмети
на водопадно уживање низ молњи

Големи се овие огнови но уште
поголем ќе биде новиот Рим