
РЕПУБЛИКА - ЛОЗА - АРХЕОЛОГИЈА: ОД МОЈ АГОЛ
Nov. 6, 1991
Македонската археолошка наука треба, конечно, да ја прифати горенаведената синтагма како поим кој означува ефикасен научен метод во рамките на научно-истражувачките археолошки постапки на локалитетите во Македонија.
Микроистражувачки археолошки потфат
Македонската археолошка наука треба, конечно, да ја прифати горенаведената синтагма како поим кој означува ефикасен научен метод во рамките на научно-истражувачките археолошки постапки на локалитетите во Македонија. Таа всушност, практично, претставува археолошка интервенција која со сигурност доведува до идентификација на археолошкиот локалитет, поточно, до неговата “лична карта” со нејнеопходните податоци за негово именување, назначување и сместување во веќе познатите и конституираните археолошки категории.
Што значи една ваква микро-истражувачка археолошка интервенција, во што се состои нејзината ефикасност и кои се предностите што ја одвојуваат од другите, веќе од поодамна експлоатирани, но и подоста комплицирани, од повеќе аспекти, археолошки научно-истражувачки потфати на теренот?
Истражувачката постапка во овој случај, глобално, се одвива во две фази: првата фаза содржи детално рекогносцирање - теренска проспекција на локалитетот, собирање, класификација и првично толкување на површинскиот материјал, фото и техничко документирање на надворешните белези на локалитетот (случаен или насилно формиран профил, недвижни остатоци и сл.) како и одредување на најпогодно место за директна стручна интервенција во “утробата на тајната” која, речиси во сите случаи (освен, можеби, во подводната археологија) е вкопана во земјата - копното.
Втората фаза подразбира ископ на сонда со вообичаени димензии (3.0 x 3.0м) со која ќе се формира вертикалната стратиграфија на истражуваниот локалитет, а која ќе овозможи уште подоста други податоци: бројноста на културните хоризонти, хронологија, вид на објект, придружни движни археолошки наоди - накратко, се што е потребно за идентификација и првичната основна валоризација на односниот предмет на проучување. Притоа, просторот кој се истражува, во случајов сондата, по секој ископ се доведува до перфекција во естетска смисла, бидејќи само на тој начин ќе биде овозможено максимално извлекување на податоци од така мал објект - предмет на истражувачкиот потфат. Овој начин има најидеална примена на праисториските локалитети, но со незначително дополнителни измени (должинска сонда, или накрска) може да “функционира” и на локалитетите од сите други археолошки периоди.
Зависно од еднослојноста, повеќеслојноста или комплексноста на локалитетот, потфатот може да трае од пет до петнаесет дена, во изведба на еден археолог со уште еден или двајца помошници и со вообичаена археолошко-теренска опрема. Сето тоа повлекува само незначителни финансиски средства (со кои е обусловуван досега секој археолошки “излет” на теренот), а возможни се и многу поголеми резултати од очекуваните. Овде е многу важно да се напомене дека е незаобиколна потребата од употреба на високата професионална етика, без која ваквите потфати би биле речиси целосно осакатени. Неа, чинам, со мали исклучоци, до степен на побожност, обилно ја поседуваат македонските археолози.
Микроистражувачките археолошки потфати можат единствено да овозможат изработка на валидна археолошка карта на Македонија (веќе десетина години “животари” проект при МАНУ за подготовка на археолошката карта, но, и покрај разновидните обиди, работата сеуште не е финализираа… На крајот на краиштата, во МАНУ нема ниту еден археолог, па оттука е и смешна акцијата која е покрената во оваа насока). Натаму, микроистражувачите археолошки потфати единствено можат да бидат солидна основа за картирање, класификација и валоризација на илјадниците археолошки локалитети кои “почиваат” на и во македонската почва, за активно вклучување во работата на стотина археолози кои официјално работат по институциите и другите научни или културно научни формации, и конечно, за создавање на можности за најправилна селекција во смисла на преземања на поголеми систематски или систематско-заштитни археолошки истражувања со поголеми амбиции во научна смисла на македонските археолошки структури.