Независни изданија
Римјани
Dec. 1, 1987
Ескалативна баханалија
Во едно ротационо движење
тргна галијата на хаосот
со вински подруми и свежа крв
од движечката робовска сила
На палубата асури и меки свили
со предвидени дрвени скари
за печење на месо за јадење
и живо месо за уживање
во релативноста на времето
со повремени апсолутни точки
Вријат цареви и великодостојници
нивни роднини и пријатели
одбрани и мешани брачни другари
Сé се чури мириса и засмрдува
веќе неколку постхристовски векови
Понекогаш слетуваат Дионисиеви пандани
се плодат со деификувани смртници
Се извлекуваат поуки за моралот
од бескрајните беседи во проза и стих
низ потоци од вино и спермални здруженија
низ слузокожните и растргнати пазуви
на преморената античка галија
Сé до времето кога сите забележаа
дека веќе три дена гори Рим