Независни изданија
Римјани
Dec. 1, 1987
Августовата визија
Си изградив престол
со сите познати скапоцености
во ткивото на материјата
По големите врнежи низ кои
ја трошев мојата улога
ете го неминовниот озон
Тоа е престижна парабола
Може да се провери
пред сите сенатски комисии
и дури пред судот
на моите далечни визии
Нека бидат еднаш
во јадрото од империјата
на илјадите зајдигодини
Хаг и Хашки судови
Научно-фантастични
Обединети нации
И нека пишуваат историја
на златна маса поставена
во златен форум Романум
Убеден сум дека
по патот низ времињата
бесмртност ќе ги означи
зборовите
кои ќе оправдаат теории
Ајнштајнови и други
Не без трепет изговорени
пред неизвесноста
на следниот миг
Ја одиграв ли добро
во комедијата на животот
мојата улога
Бидејќи е секако
добро одиграна
аплаудирајте
и со весели лица
испратете не нас