МАКЕДОНСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

2008

АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТИ

ПРЕДГОВОР

Од времето на пештерските лавови и палеолитските ловци откриени се остатоци кои ги осмислуваат далечните магливи почетоци на егзистенција на човечкиот род на почвата од постојано ветуваната земја на просторите од митскиот Балкан. Остатоци од тој живот се забележани по долината на Бабуна, односно во пештерата Макаровец, кај Кристифорово во Пелагонија, а уште постари индиции се регистрирани во палеолитските пристапници на осоговските планини. Таа приказна наликува на аргонаутско патешествие низ времето. Од таа плеистоцентска далечина, од тоа старо камено време, натака, сé беше поинаку. Всушност, овие простори очигледно силно биле привлечни во следниот период од предисториските времиња, во младото камено време, во таканаречената неолитска револуција, односно во идиличното време на неолитската цивилизација. Тоа започнало некаде пред осум илјади години. На тоа не потсетуваат импозантните теракотни идоли Богинките Мајки од Маџари и Говрлево, на тоа не потсетува Адам од Говрлево, многубројните културни придобивки од Амзабегово-Вршничката културна група и од Велушко-Породинската во Пелагонија. Од тие времиња "ветената земја" Македонија, со своите реки и езера, со планините и ридовите, со долините и низините, со благата клима, континуирано е населена и тоа вриење на животот го чувствуваме и денес. Тоа што изгледа дека никогаш нема да се врати се периодите (кои длабоко во иднината сепак ќе се вратат) наречени: енеолит (бакарно време), бронзеното и железното, за кои говорат археолошките вредности...