
РЕПУБЛИКА - СОСТОЈБИ
Aug. 2, 1991
Трагична “плетка” на археологијата како научна дисциплина во една мала, но богата во тој поглед, земја, со дневно-политичките ситуации и “ученоста и апетитите” на локалните или републичките политички субјекти, за жал и денес, е речиси неразрешлив јазол. -Никој не сака да биде егзекутор на стоглавата ламја.
Археологија и политика
Сосем самоуверено, некои дрзници тврдат дека археологијата со својот широконаучен спецификум, со својот мултидисциплинаритет, ја претставува другата страна на филозофијата на животот, материјалната поткрепа на филозофската мисла, “фундаментална наука” - како што рече К. Леви Строс, или, во најмала рака, барем “немилосрден коректор на историјата”, како што често повторува археологот В.Маленко бидејќи тука, во таа и таквата наука, опсервациите и научните императиви опфаќаат содржини од сеопштата архигонија до произведенијата на високореспектираниот денешен човеков ум.
Се разбира (или “разбира се”) тоа е, сосем исто така, збунувачка дефиниција за еден поголем дел на македонската квазиинтелигенција (остатокот од истата не успева да го “раздружи” поимот археологија од поимот архитектура), како што, раката на срце, со право и младото македонско општество во текот на својот реалсоцијалистички развој одвај успеваше да ги разликува тие две зборовни категории од областа на науката (и културата).
Во многустрано обременетата подалечна и поблиска сегашност, во околности во кои, секако, првенствена грижа на “сите живи” претставува обезбедувањето на голата егзистенција за поголемиот дел од општеството, повеќе професии и такавикани научни дисциплини имаат сосема маргинално значење. Тој поширок дел на општеството принудно, од една страна, и медиокритетството (полукултурното и чиновничкото) намерно, од друга страна, сметаат дека на пример археолошките откритија претставуваат само случки, занимливости вон колотечината на живеењето, нешто споредно, без особено влијание на животниот тренд, нешто без кое се може. Тоа е втората, и за жал се уште владеачка фаза на мислење за поимот археологија во нашата македонска средина. Археологиjата можеби не е нешто без кое не се може, но сигурно е дека (тоа често го повторуваме) не може да се гледа напред, во иднината, без светлата, кандилата кои светат назад, во минатото. Вообичаено е да се каже дека минатото е историја, но историјата не е совршена, таа е сиромашна без поткрепа на материјалната култура и првичните технолошки процеси, без поткрепа на опипливите факти , без тродимензионалноста во податоците кои ги обезбедува археологијата.
Денес, доста често не само кај нас, туку и во светот, многу познати и признати научници, филозофи, публицисти, писатели и есеисти го употребуваат поимот археологија како прапочеток на некој настан, револуција, творба, поголемо дело, прапочеток на духот…
Другата страна на медалот не е најтемна, но има доста сивило. Сегашната состојба на димензијата во која егзистира археолошката наука на просторите кои надалеку во светот се познати како археолошка оаза, нашите простори , и покрај одделните генерални вредности и придобивки, евидентно е болна, ерозивна и подложена на чести експериментални зафати од оние кои во основа или постојано имале водечка улога во креирањето на културната или научната политика во рамките на Република Македонија.
Тие истите, под влијание на табиетот или разните бесотилаци на највисокиот политичко-владеачки естаблишмент (за сите нив археолозите се се уште луѓе или мајмуни во кафези кои се интересни и забавни заради нивните необични “идеи” за ослободување од кафезите и заради нивните необични откритија), како и во многуте други области во македонската наука, образование и култура, така и овде вршеа разни обиди од ќеф или по барање на одредени нивни разгалени пулени.
Во сето одигра улога и “силната демократија” во самоуправниот систем кој доведе до тоа, групички на луѓе самоуправно да одлучуваат за разни судбини на национални културни богатства.
Како и во разните други области во егзистирањето на животот и професиите посебно од кругот на хуманитарните културно-научни профили, така и во рамките кои се тема овде, беа вршени експерименти со морбидни и небулозни содржини. Во прв ред создавање на т.н. хермафродизиски строеви за марширање напред во “светлата иднина”.
Така се создадени “славните” македонски институции Заводи и Музеи (еве само еден целосен назив: Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија - Битола!) кои под еден покрив собраа цели чети на професии со придружба на гломазна административна апаратура. Ако во секодневието на работењето овде се додаде и самоуправувањето како незаобиколна гениталија, тогаш е јасно до какви смешни и трагични ситуации се доаѓа кога за методолошките принципи и исправноста на работењето на одредена стручна проблематика беше во можност да влијае и донесува судови администрацијата или буквално послугата како најдрска самоуправувачка машина! Факт е дека со формирањето на ваквите институции (првата во Охрид, 1973 година) автоматски настана хаос во документацијата која што би требало да игра фундаментална улога во рамките на ваквородните профили кои се испреплетија до целосна безличност во силните термини: заштита и музеологија! Никогаш не успеавме, во една вака мала земјичка, да ја унифицираме таа основна зафатнина во работата, а да не зборуваме за потребата од единствен компјутеризиран систем на документација кој е инаку, одамна доминантен во цивилизираниот свет.
Горенаведената ситуација генерално се уште трае, трае и сега, во новите плуралистички околности, трае и со новата влада, а хаосот, неизвесноста, деформациите, грозоморната ситуација во документацискиот систем, целосната девалвација на важноста на науките во овие области и понатака се тркалаат во смешни кривини и вертикали. Никој нема радикален дух до толкава мерка, време ниту желба да преземе она што навистина мора да се преземе, да се преземе она што веќе е одамна преземено во светот.
Второто хермафродизиско сладострастие се одвива во аулите на на македонскиот Филозофски факултет со таканаречената група за Историја на уметноста со археологија. Едноставно, се може за три и пол до четири години да се дипломира на оваа група и потоа да се биде по професија и историчар на уметноста и археолог! Настрана сентименталностите и исклучоците! “Генијалноста” на ваквите произведенија насекаде се чувствува низ Македонија.
Уште две “оригинални” институционални градби произведе досегашниот “самоуправен диктат” на генерацијата властодршци-сезнајковци во Македонија: Институтот за проучување на старословенската култура во Прилеп и Музејот на словенската писменост во Охрид. Првиот, уште во стартот со заднина на целосен политички дилетантизам, без јасна проекција кон иднината и концепциска строгост, со фасадна самопрегорност на еден дел од невините елементи, но со внатрешна ерозија која го распарчува на разни делчиња низ Македонија и надвор од неа, и вториот, една нашминкана музејска пикантерија која денеска, поради големите резултати и интересот на “публиката и повиканите” полека зарастува во коров и пиреј. Градбата се разбира (разбира се) полека се претвора на лик на оние грешни градби (денес речиси чавкарници) на бившите задружни домови или напуштените училишта по македонските тажни села, од времето на педесеттите години, од времето на Колективите.
Ако треба да се каже дека во сите овие културно-научни пунктови сосем невино се принудени заеднички да “живеат” еден куп научни дисциплини, меѓусебно без големи разбирања, без меѓусебно нужно почитување (без “мир и разбирателство”), со ситни подметнувања, сопки и зависти едни на други, тогаш е јасно во каква ситуација се наоѓа денеска овој сегмент од филозофиjата на живеењето во Македониja.
Како резултат на горните состојби, воопшто не е ни чудно што македонската археологија мора да се соочува со реалности какви што се: во македонската и светската археолошка оставнина СТОБИ да се сади и произведува бостан, во античкиот СКУПИ да се копаат бунари, да се градат дивоградби и да се лоцираат разни ѓубришни депонии, во Охрид со булдожери да се уништуваат драгоцени мозаични површини од ранохристијански период (еве веќе четири години надлежната СВР не успева да ја открие сопственоста на булдожерот!), да “венеат” величествените базилики и античкиот театар закопани во коров и други суровости... и така натака.
Во меѓувреме, археолозите со бес или тага во срцето сеедно, се уште мораат упорно да им објаснуваат на одлучувачките административно-правни служби во провинциските музејски државички до каде еден антички театар е археологија а од каде архитектура и дали е всушност и едното и другото пред да биде откопан и што е потоа... Кој требало да ја има предноста (узурпацијата, монополот!), а кој “задноста” во процесот на откривањето и истражувањето? Дали биле, на пример, Марковите кули во Прилеп, Самоиловата тврдина во Охрид или Исарот во Штип предмет за работа и истражување на археолозите или на архитектите? Кој требало да биде прв, кој требало да ги води работите... Трагичната “плетка” на археологијата како научна дисциплина во една мала, но богата во тој поглед земја, со дневно-политичките ситуации и “ученоста и апетитите” на локалните или републичките политички субјекти, за жал и денеска е речиси неразрешлив јазол. Никој не сака да биде егзекутор на стоглавата ламја. За да не биде осуден или изеден самиот. Македонија, едноставно, нема јунак како Тезеј, за вакви јазолчиња, и тоа пред самиот почеток на третиот милениум од Исусовата ера.
Поради сите тие “споредности” (а не поради сиромаштво), една ваква археолошка оаза, со веќе од поодамна достатен стручен кадар и евидентните резултати, со педесетгодишен слободен развој, нема археолошки институт, па дури, нема и Македонски археолошки музеј, онака како што тоа прилега, онака како што е јасно и познато во светот.
Оттука па натаму, се отвора друга тема, исто така јасна и “строга и проста” како македонска песна. Им ја оставаме на оние (кои ги повикуваме) кои треба достојно да ја разгледаат и да ја претворат во живот, творештво, наука.