Publication Античкиот театар во Хераклеја Линкестидска
РЕПУБЛИКА - ЛОЗА - АРХЕОЛОГИЈА: ОД МОЈ АГОЛ

Oct. 16, 1991

Археологијата денес не е само формална наука за минатото, за “мртвите времиња” коишто неповратно одминале. Денешниот човек, преокупиран со животните проблеми на сегашнината и со плановите за иднината, не би смеел да ја губи смислата за својот идентитет којшто најдобро се потврдува со карактеристиките на минатото, а коешто се реафирмира преку историјата и преку непобитните материјални докази коишто ги пронаоѓа, открива и анализира археологијата.

Античкиот театар во Хераклеја Линкестидска

Археологијата денес не е само формална наука за минатото, за “мртвите времиња” коишто неповратно одминале. Денешниот човек, преокупиран со животните проблеми на сегашнината и со плановите за иднината, не би смеел да ја губи смислата за својот идентитет којшто најдобро се потврдува со карактеристиките на минатото, а коешто се реафирмира преку историјата и преку непобитните материјални докази коишто ги пронаоѓа, открива и анализира археологијата.

Фундаменталноста на археолошката наука се потврдува, еве, со овој пример: античкиот театар во Хераклеја Линкестидска не само што ни ги открива виорењата на минатото на овој македонски простор од еден посебен и специфичен аспект, туку започнува да функционира во сегашноста, а ќе живее и ќе се употребува и понатаму, во иднината. Значи, овој објект за спектакли еквивалентен е за сите временски димензии: минатото, сегашноста и иднината. Во археолошката наука исклучени се разните философски спекулации. Она што се проучува е опипливо, евидентно, доволно јасно. Овде е чудесно и неминовно единството на практиката со теоријата.

Напорот вткаен во повеќегодишните археолошки истражувања на овој спектаклен објект во градот на богинката Немеза и почитуваниот господин Тит Флавие Орест, повеќегодишниот самопрегор на многубројните работници и стручњаци - археолози под раководството на археологот м-р Томе Јанакиевски, конечно ги обедини резултатите во една евидентна, завршна фаза: публикацијата “Театарот во Хераклеја Линкестис” чиј автор е гореспоменатиот археолог, којашто, ја поздравуваме и промовираме.

Оваа публикација, како крајна консеквенца на долгогодишни научни истражувања означува едно ново поглавје во проучувањата на античките театри, не само во стручните и другите културни кругови во Македонија, туку и пошироко.

Оваа книга ни овозможува, научно, или имагинативно, да навлеземе во вечноста која има подови од мермер и потоа заедно со мермерот да го разгледаме лавиринтот на вселенскиот организам. Притоа, ќе се изнаслушаме вистински сказни, Елини и Римјани ќе се раѓаат на врвовите од јазикот, улиците ќе пеат со звуци од стапалки, плоштадите ќе брборат секојдневија, додека ќе исчезнуваме во минатото и по долги патешествија повторно ќе бидеме вратени како нововремени тела на мермерните блокови во театарот каде што гладијаторите вршеле селекција на човечкиот род. Вршеле селекција на човековиот род онака како што барало времето. Времето и тогаш, како и денес, содржело две важни потребштини за човечкиот род: база и надградба, велиме ние сега, ПАНЕМ ЕТ ЦИРЦЕНЗЕС (леб и циркуски претстави) говорел тогаш римскиот народ. Оти, ако може да се каже дека античките Грци биле прародители на европската култура, тогаш за Римјаните може да се каже дека се родоначалници на нашата цивилизација и техничката ера, што е евидентно кај спектакуларните објекти градени од овие два народа. Спектаклите во римската империја имале забавен, социјален и политичко-пропаганден карактер и биле достапни за сите граѓани. Еве и денес, овој театар, по шеснаесетвековна пауза, веќе дојде до фаза на достапност на сите граѓани од овие простори и од целиот свет. Ce чувствуваме чудесно почестени што можеме одовде, од лице место, од подиумот - арената на римскиот театар во Хераклеја Линкестидска, да го означиме првиот ревиталиозаторски чин на овој објект и да го поздравиме појавувањето на публикацијата, монографскиот труд на м-р Томе Јанакиевски “ТЕАТАРОТ ВО ХЕРАКЛЕЈА ЛИНКЕСТИС” и притоа, да искажеме јавно, во оваа прилика само две желбени мисли:
- Едната е, Македонија да најде сили и да го активира нашиот познат долговековен културен слух, па да се открие барем познатото “закопано богатство” од ваков вид, да се откријат и презентираат и останатите регистрирани антички театри во Македонија: Охрид, Стоби, Скупи.
- Другата е, Македонија да најде сили и да не дозволи , македонскиот “популус”, во онаква смисла и значење, да почне зачестено да ја употребува римската поговорка: ПАНЕМ ЕТ ЦИРЦЕНЗЕС!

П.С. Текстов беше изговорен на 12. јуни 1987 година и е првата официјална беседа која прозвучи меѓу камените седишта по шеснаесет векови во Хераклеја, пред полн аудиториум, а по повод промоцијата на монографијата за односниот театар. По тој повод, потоа, битолскиот камерен оркестар го одржа и првиот музички концерт - првата јавна претстава по античките времиња. Еден од членовите на оркестарот, исполнител на виолончело, беше и археологот - истражувач м-р Томе Јанакиевски. Каква беше атмосферата и доживувањата на учесниците во овој античко “атомски” културен настан во тоа јунско хераклејско предвечерие може само да се замисли ако замислувачот поседува вонсериска имагинативна моќ.