Самуилова Тврдина

Охридската крепост, која го добила името Самуилова тврдина поради фактот што цар Самуил во еден хронолошки дел од своето владеење го одбрал Охрид како престолнина на неговото царство, претставува профан објект кој неразделно е поврзан со целокупната историја на Охрид од најстарите времиња до денес. Градот Лихнид и тврдината во изворите, за првпат се спомнуваат кај античкиот историчар Ливиј во 209 година пред н.е., во времето на владеењето на македонскиот крал Филип V. Овој податок говори дека во крајот на III век пред н.е. тврдината веќе била изградена и функционирала во сите пресудни моменти од историјата на градот Лихнид, денешниот Охрид. Денешниот изглед и протегањето на тврдината најверојатно биле оформени во IV век од нашата ера, која денес ја препознаваме по техниката на ѕидање опус микстум (четири, на места и три редови на опеки, со варов малтер меѓу редовите). Забележано е во историските извори дека вака укрепениот град имал силна одбранбена моќ, поради што во 479 година кралот Теодорих Амалиецот, крал на источните Готи, во својот поход од Македонија кон Нов Епир, не успеал да го освои Лихнид, “затоа што градот лежел на утврденото упориште и изобилствувал со извори меѓу ѕидиштата”. Тврдината и понатака, зависно од историските околности, била повеќе или помалку актуелна, била обновувана или разурнувана, но габаритното протегање од времето на доцната антика останало главно непроменато, освен формирањето на вистинскиот облик на нејзиниот централен дел, цитаделата, кон крајот на X и почетокот на XI век, односно во времето на цар Самуил, кога Охрид станал престолнина на првото македонско словенско царство, без разлика што во историската наука тоа е третирано со поинакви предзнаци. По смртта на Самуил во 1014 година, Василиј II без борба го завзел Охрид, па така тврдината немало потреба да биде разрушена. Во втората половина на XIV век, односно во времето на владеењето на големиот жупан Андреа Гропа со Охридскиот крај, односно во втората половина од XIV век, цитаделата била обновена и зајакната.
По турското освојување на Охрид, во тврдината била поставена воена посада, но тврдината не се спомнува како објект каде се случувале важни настани. Конечно, во крајот на XVIII и почетокот на XIX век самоволниот владетел, “рушител но истовремено и градител” Џеладин бег извршил поголеми интервенции на бедемите од цитаделата. Во текот на овие активности, тој во 1808 година, изградил и сарај на просторот од јужната половина. Оттогаш навака, помеѓу другото, за цитаделата се употребува и името „Горни Сарај". Со ова завршува историската улога на Самуиловата тврдина. Во 1934 година крал Александар им изградил водовод на Охриѓани, а резервоарите ги сместил во североисточниот дел од јужната половина на цитаделата. Охридската крепост ја сочинува Централниот дел (акропол, цитадела, кале) кој е расположен на повисокиот западен рид од градот и Подградие кое го зафаќа понискиот источен рид на градот, како и источното и јужното подножје на споменатиот западен рид. Централниот дел (цитаделата) има пресечена елипсовидна форма и е поделена на два дела со бедемски ѕид по средината во правец исток запад. На југоисточната страна се наоѓа импозантен влез заграден со две полукружни кули. Бедемските ѕидови во Централниот дел (Цитаделата, Калето, Горни Сapaj) се зачувани до височина од 10 до 18 м. Тврдината има вкупно 18 силни одбранбени кули и 5 порти: Железна порта, Источна порта, Горна порта, Челна порта и Долна порта.


Во времето од 2000-2002 година се случи најголемиот истражувачки, санационен и конзерваторско-реставраторски зафат на Самуиловата тврдина при што беа изведувани систематски археолошки ископувања на целиот простор од цитаделата, како и беа целосно санирани, конзервирани и реставрирани бедемите на овој централен дел од оваа тврдина. Со ова реставрирање висината на бедемските ѕидови на места достигна до 20м. При овие големи зафати беа откриени и најстарите погребувања на просторот од комплексот Горна Порта, во кои, меѓу другото, се случи и најзначајното откритие во археолошка смисла, “охридската” златна посмртна маска и златната ракавица, ексклузивни наоди кои досега се забележани само на просторите од старата античка Македонија за времето од крајот на VI и почетокот на V век пред нашата ера.

Лит.: Ф. Папазоглу, Дасаретија и Лихнид во времето на римско-македонските војни, Охрид, книга прва (монографија), дел втори, Охрид-Скопје 1985, 92 (прв помен на тврдината цитирано од Лив. XXVIII,32,9); А. Николовски, Д. Корнаков, К. Балабанов, Споменици на културата во НР Македонија, Скопје 1961, 217-218; И. Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, книга 5, Скопје 1996, 241-246; С. Бояджиев, Самуиловата крепост в Охрид (коавтори: П. Балабанов, Н. Тулешков), Крепостно строителство по българските земи, София 2000, 181-186.