Плаошник
Археолошкиот комплекс “Плаошник" во Охрид, во историска, културна и духовна смисла, е најзначајниот и најсветиот простор за Македонија и за целиот словенски род. Се наоѓа на повисокиот Охридски рид, меѓу Самуиловата тврдина и живописниот предел на црквата Св. Јован Богослов - Канео, на брегот од Охридското Езеро. Хронолошката вертикала на живеење се протега од праисториските времиња (крајот на бронзеното време), преку античкиот и доцноантичкиот период и раното христијанство, до развиениот среден век. Податоците говорат дека кон крајот на бронзеното и во железното време на просторот меѓу Самуиловата тврдина и на Плаошник егзистирала првата населба на Охридскиот рид. Тоа е потврдено со археолошките истражувања (1996, 2007-2009г.) при кои се откриени многубројни фрагменти на мат сликаната керамика и гробови од железното време со богати прилози на керамички, бронзени и други предмети, меѓу кои, особено значајна е појавата на малите култни бронзени предмети, во археолошката наука познати како „македонски бронзи". Натака, податоците исто така говорат дека во античкиот период, во времето на силниот подем на дотогашниот монденскиот град Лихнидос, стариот Охрид, на ова место биле лоцирани најзначајните антички храмови, меѓу кои, секако и храмот на богот Дионис. Во доцноантичкото време и ранохристијанскиот период (IV-VI век), Лихнидос бил епископски центар на македонско - римската провинција Нов Епир, а Плаошник местото, на кое, врз урнатините на паганските храмови биле подигнати монументални ранохристијански базилики со раскошна архитектура и уште пораскошни мозаични подни површини. Во крајот на IX век на овој свет простор доаѓа првиот словенски епископ Св. Климент, кој обновил една стара тролисна црква (изградена најверојатно во почетокот на VII век) и ја посветил на светиот лекар Свети Пантелејмон. Тука и во манастирскиот комплекс кој се развил во идните векови, Св. Климент започнал силна просветителска и книжевна дејност (Охридската книжевна школа), се развил Првиот словенски универзитет откаде се ширеле старословенската писменост, уметност и култура. Уште додека бил жив Свети Климент црквата ја проширил кон запад, а во пронаосот си изградил скромен гроб во кој и бил погребан по неговата смрт во 916 година. Светиклиментовата црква потоа била обновувана и живописувана (XIII - XIV / XV век) на истите темели и така таа функционирала сi до крајот на XV век кога била до темел разурната од страна на Турците Османлии, а на нејзиното место била подигната Султан Мехмед џамијата. Овој објект функционирал некое време, за потоа да биде оставен на милост и немилост на времето. Во 1942/1943 година тука се започнати првите археолошки ископи, кога и се откриени остатоците од старата Светиклиментова црква посветена на Св. Пантелејмон и гробот на Светителот. Овие откритија ги направил тогашниот управител на Службата на старините во Охрид, Кирил Прличев, синот на познатиот охридски поет и преродбеник Григор Прличев, а работите стручно ги продолжил неговиот наследник во истата служба, охриѓанецот Димче Коцо. Во 1964-1967 година извршени се дополнителни археолошки ископувања и извршена е конзервација на остатоците од Светиклиментовата црква, а руинираните ѕидови од џамијата се закрепнати со цел “црквата да биде физички заштитена”.
По повод јубилејот “2000 години христијанство во Охрид и Македонија", во времето од 1999-2002 година на просторот од овој локалитет, односно на просторот од остатоците на Светиклиментовата црква и џамијата беа извршени ревизии и систематски археолошки истражувања, како и конзерваторско-реставраторски работи, по кое е изведено Возобновувањето на Светиклиментовата црква “Св. Пантелејмон”.
Директните работи на возобновувањето на Светиклиментовиот храм започнаа во март 2001 година, а во летото истата година продолжија и натамошните систематски археолошки истражувања заради обезбедување на соодветни услови за пристапот кон Светиклиментовиот храм. Притоа беа откриени остатоците од монументалната петобродна ранохристијанска базилика околу Светиклиментовата црква, сместена во централниот дел од овој голем ранохристијански сакрален објект. Работите продолжија континуирано и во 2002 година при што беше откриена монументалната крстилница (баптистериум) јужно од апсидата на базиликата, со зачувани мозаични подови и со прекрасни претстави на симболен ранохристијански космогониум (растителни и зооморфни претстави, крстови свастики и др.), нартекс со исто така зачувани партии на мозаични подови во повеќе фази во северниот брод од базиликата; простран атриум во северниот дел со мермерни бази и столбови, помошни простории и пространи дворишта во источниот простор од комплексот и др. Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон до крајот на јули 2002 година беше целосно возобновена, на истите темели од Светиклиментовото време (IX век) и доградбите (параклисите, северниот и јужниот трем и камбанаријата (XIII - XIV / XV век) со истите градбени материјали и ист пристап на работа, како што се работело во старите времиња и во времињата на нејзините поранешни обновувања. Таа е тролисна со наос (централен брод), нартекс (припрата) со галерија, северен трем, јужен отворен трем, кубе над олтарниот простор, кубе над централниот простор и камбанаријата на западниот дел. Во внатрешноста има зачуван живопис од времето на нејзиното обновување во XI - XII , XIII - XIV век и остатоците од постари фази на подови кои денес се презентирани со подни стаклени површини. Стариот под во олтарниот простор и во наocoт (централниот дел) е возобновен со мермер врз основа на остатоци од стариот оригинален под. Поставена е олтарна мермерна преграда и резбани двери, иконостас и гробот на Свети Климент. На ѕидовите од северниот трем презентирани се откриените фрагменти од фреско-живописот на старата црква. Светиклиментовиот храм го доби својот првобитен облик со целата своја историска величина и духовна димензија која реминисцентно го враќа Светиклиментовото време во нашето совремие, за да се возобновува и трае во иднината со вечна верба и почит кон бесмртниот дух на Светителот.
Во 2007-2009 година се реализираа обемни систематски археолошки истражувања на целиот простор од Плаошник со цел да се откријат сите релевантни податоци кои ќе овозможат реализација на уште еден голем проект на овој простор: Возобновување на комплексот “Светиклиментов универзитет”.
Лит.: Д. Коцо, Климентовиот манастир „Св. Пантелејмон” и раскопката при “Имарет" во Охрид, Годишен зборник на Филозофскиот факултет, 1, Скопје 1948, 129-180; Ц. Грозданов, П. Кузман, Т. Бунташеска Паскали, Плаошник, Возобновената црква на Св . Климент и Пантелејмон, Охрид 2003; В. Битракова Грозданова, Лиxнид во ранохристијанскиот период и неговото урбано јадро, Јубилеен зборник, 25 години митрополит Тимотеј, Охрид 2007, 257-268 .