
Музеј на вода на Охридското Езеро
Подводните археолошки истражувања на локалитетот "Плоча Миков Град" во заливот на Коските, во водите на Охридското Езеро, покрај јужното крајбрежје на полуостровот Градиште, близу рибарската и туристичка населба Пештани, се реализираа во кампањи секоја година од 1997-та, до 2005 година, а во 2007-2008 година беше изведена реконструкција на дел од населбата со што се презентира атрактивен археолошки локалитет на атрактивен простор од езерото. Со овие истражувачки активности за првпат во Македонија се официјализира подводната археологија како гранка на археологијата која се занимава со остатоци, заштита и презентација на подводното културно наследство, кое поради разни околности во минатото и денес останало под водените површини на македонските езера. Од досегашните сознанија особено Охридското Езеро обилува со остатоци од праисториски наколни населби, објекти во антиката и средновековието кои биле потопени во водите, главно поради осцилациите на нивните нивоа, како и движни артефакти кои низ минатото се нашле на дното од езерото најповеќе поради риболовни активности или во време на обавување на езерскиот сообраќај низ минатите векови. На локалитетот Плоча Миков Град откриена е праисториска палафитна (наколна) населба со временска припадност на доцното бронзено и раното железно време, а во текот на досегашните истражувања беа евидентирани 6000 остатоци од дрвени колци во водите на дного од езерото, на длабочина од 3 до 5 метри кои потпирале најверојатно заедничка дрвена платформа на која функционирале дваесеттина праисториски станбени објекти, изградени исто така, од дрво. Со досегашните археолошки подводни активности констатиран е габаритот на населбата, поставена е подводна археолошка квадратна мрежа и реализирани се ископувања на неколку истражувачки полиња. Притоа се собрани многубројни бронзенодопски и железновременски артефакти, главно фрагментирани и цели керамички садови, камени и кремени предмети, помалку бронзени, со мноштво фрагменти од животински коски, меѓу кои има и такви кои служеле како орудија. Локалитетот Плоча Миков Град во Заливот на Коските денес е атрактивен музејски комплекс кој има повеќе содржини: реконструирана палафитна населба над водите од езерото, римски каструм кој е конзервиран, реставриран и презентиран на највисокото плато од ридот Градиште", пристапен објект со музејски витрини и објект за реализација на подводен туризам.
Лит.: П. Кузман. Залив на коските, Плоча Миќов Град, праисториска надводна населба - Bay of the Bones, Plocha Michov Grad, Prehistoric Palafitte Settlement, Skopje-Ohrid 2008.