Антички Театар
Античкиот театар се наоѓа во источното подножје на повисокиот западен дел од охридскиот рид во стариот дел на градот. Бил изграден на природната падина во тој дел од ридот, но биле изведувани и субструкции за сместување на седиштата. Н.П. Кондаков прв укажал дека во Охрид, односно во античкиот Лихнидос, би морало да постои ваков вид на градба, не само заради значењето на овој урбан простор во времето на антиката, туку и заради сигурни показатели на кои тој посочил уште во 1900 година при неговата посета на Охрид. Тоа се двете релјефни плочи со претстава на богот Дионис и Музите (кои денес се изложени во лапидариумот од музејот Робевци), како и многубројни други градежни материјали вградувани како сполии во разни објекти на градот Охрид (седишта од театарот и архитравни греди). Во 1959/1960-1962 година се изведени првите археолошки зафати од страна на народниот музеј во Охрид (археологот Васил Лахтов) и притоа се констатирани девет редови на седишта делкани од сив камен и травертин. На нив уште тогаш биле забележани вклесани натписи со имиња на угледни семејства кои си ги закупувале седиштата за да можат редовно да ги следат претставите. Поголеми археолошки истражувања се изведувани петнаесет години подоцна, односно во 1977 година (археологот Владо Маленко), кога и беше откриен еден поголем дел од гледалиштето. Во 1984/1985 година беа повторно вршени археолошки ископувања и тогаш беше констатиран и ортостатен ѕид подигнат во време на преадаптацијата на театарот со проширување на скената во арена за изведување на игри венатионс, борба со животни, и кога зад ортостатниот ѕид биле изградени и четири кафези за чување на животните. Најголемите археолошки истражувања и конзерваторско-реставраторски работи се случија во 2000/2001 година кога беше целосно откриено, конзервирано и реставрирано гледалиштето и периметралниот ѕид со диазомата, по што овој спектеклен објект беше презентиран и оспособен за функција, односно за одржување на разни видови драмски и концерни и ревијални претстави. За да се открие и оспособи за употреба овој антички објект беше потребно да се отстранат и дислоцираат 14 индивидуални станбени објекти и да се дислоцираат две улици во овој дел од градот. Во текот на истражувањата и конзерваторско реставраторските активности беа откриени остатоци од три средновековни цркви: една во југозападниот дел од комплексот, друга во североисточниот дел во чија близина беа откриени и 280 средновековни гробни целни и руинирани гробни конструкции, една базилика (или средновековна црква?) цистерна северно од гледалиштето, а на десеттина метри западно од северниот дел на гледалиштето е лоцирана и монументална гробница “македонски тип” со дромос, преткомора и комора која тука била сместена уште во крајот на IV или на почетокот од III век пред н.е. При истражувањата беше откриен и многуброен движен археолошки материjал: керамика, метални предмети, поединечни и групни наоди на монети, епиграфски споменик со натпис на кој е одбележано името на градот Лихнидос, како и предмети од стакло и коска, меѓу кои за одбележување е наодот на минијатурна театарска маска (висока 1,5 см) на која се изведени релјефно два лика, мунициозно изработени со реалистичен пристап, едната со трагичен, а другата со комичен израз на лицето. Потребно е уште да се потенцира дека врз основа на сите карактеристики, овој објект во “срцето” на стариот дел од градот Охрид бил најверојатно изграден во II век пред н.е., а преадаптиран во времето на римскиот царски период, односно во II век од н.е. Функционирал сè до крајот на антиката, односно до појавата на првите христијански заедници во градот Лихнидос.
Лит.: В. Маленко, Нови антички наоди во Охрид и Охридско, Жива антика, год XXVIII, том 1-2, Скопје 1978, 342-347; Т. Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Битола 1998, 42-43; 49-51; 57-59; В. Маленко, Античкиот театар во Охрид, Македонски археолошки преглед 1, Скопје 2008, 75-80